Фудбал
Реал ги продолжи договорите на двата бразилци
Бразилското крило на Реал Мадрид, Родриго (22) го продолжи договорот со кралскиот клуб на уште три години, до 2028 година, објави во четвртокот мадридскиот клуб. Финансиските детали од новиот договор не се обелоденети, но според шпанскиот печат, договорот на Родриго ќе биде проследен со ослободителна клаузула во висина од една милијарда евра, како за Винисиус, кој во вторникот го продолжи договорот со Реал.
Минатата сезона Родриго постигна 19 гола на 57 натпревари за Реал, на кој му се приклучи во 2018 година за 45 милиони евра од Сантос. Бразилскиот крилен напаѓач постигна 39 гола на 179 настапи за Реал во сите натпреварувања, а со клубот освои две титули во шпанската лига и Лигата на шампионите во 2022 година.
Во потрагата на Реал по 14-тиот континентален шампионски трофеј, Родриго беше многу важна алка. Погоди против Челзи по асистенција на Лука Модриќ, а во полуфиналето го исфрли Манчестер Сити со два гола во судиското надополнување.