Connect with us

Фудбал

Реал (М) повеќе не сака да има работа со Ковачиќ

Иако веќе неколку месеци го носи дресот на лондонскиот премиерлигаш Челзи, хрватскиот интернационалец Матео Ковачиќ и понатаму е во сопственост на актуелниот европски клупски шампион, тимот на Реал (М).

После три години поминати на клупата за резервни фудбалери, играчот за врска веднаш по СП 2018 реши дека мора да ја промени клупската средина и никогаш повеќе да не се врати на “Сантијаго Бернабеу”.

Шпанскиот весник “АС”, кој важи за близок до Реал (М), откри дека раководните лица на “кралскиот клуб” се многу разочарани од однесувањето на Хрватот. Пред неколку месеци, во интервјуто кое го даде за “Марка”, Ковачиќ изјави дека сака да си замине поради малата минутажа поради која не може да биде ниту стандарден првотимец во националниот тим. Таквата негова изјава беше дочекана на нож од челниците на Реал (М).

“АС” тврди дека веќе се започнати разговорите околу иднината на Ковачиќ и дека во игра се два клуба кои се натпреваруваат во Премиер лигата. Првиот е Челзи, а интерес за неговите услуги покажале и челниците на градскиот ривал Тотенхем.

За време на летниот преоден рок во 2015 година, шпанскиот гигант на Интер му исплати 30 мил. евра за услугите на Ковачиќ, кој сигурно за слична таква парична сума ќе биде продаден во 2019 година.