Други спортови
Сите пари ќе ги дадам на сиромашните, моите деца мора сами да си заработат
Американскиот боксер Дионтеј Вајлдер ќе заработи 14 милиони долари од дуелот против Тајсон Фјури во кој ќе се обиде да ја одбрани осмата ВБЦ титула. Овој меч е закажан за први декември во Лос Анџелес, а за разлика од него, Британецот ќе заработи десет милиони долари.
Тајсон повеќе пати повторуваше дека не се занимава со боксот за пари и додаде дека целата заработка од овој меч ќе ја донира на оние на кои им е потребно.
- Ќе им ги дадам парите на сиромашните и ќе изградам домови за бездомниците. Немам некоја корист од парите, немам посебна желба да станам милионер или милијардер. Јас сум боксер, а не бизнисмен, и веројатно ќе завршам како и секој друг боксер, ќе останам без пари. На крајот, не можете да го понесете со себе во гроб, така што може корисно да се искористи и за да им помогнете на оние кои не можат да си помогнат сами, истакна Фјури.
Фјури има четири деца, а петтото е на пат и верува дека тие треба сами да заработат, за да ја научат вредноста на парите.
- Сметам дека сите деца треба сами да зарботуваат, инаку нема да ги ценат тие пари. Лесно е кога се трошат туѓи пари. Јас секој долар го заработив со премногу крв. Моите деца ќе мора сами да си го осигураат животот, заврши контроверзниот Британец.
Инаку Фјури за само три години помина пат од рај до пекол. Прво го победи долгогодишниот владетел, Украинецот Владимир Кличко, но потоа целосно потона и остана без појас, а неодамна призна дека и размислувал да изврши самоубиство. Меѓутоа, 30 – годишниот боксер ги остави дрогата и алкохолот и повторно се врати во форма, па сега го очекума мечот на кариерата.