Connect with us

Тајмаут

Скандал на СП: Инструкции за новинарите како да ќарат Русинка

Додека другите фудбалски сојузи мака мачат со фудбалските проблеми, како што се повредени играчи, нивната форма или тактиката за игра, на Аргентинскиот сојуз очигледно најважно му е тоа да нивните играчи добро да се забавуваат во Русија. Аргентинските фудбалери, тренерот, персоналот и новинарите на семинарот во пресрет на СП, од сојузот добиле водич за руската култура, а едно поглавје гласеше: “Што треба да направам за да се усреќам со Русинка?”

Аргентинската фудбалска асоцијација (AФA) наиде на критики откако вметна поглавје „Како да ќарите Русинка?“ во прирачникот за новинарите кои ќе известуваат од Светското првенство во Русија.

Во прирачникот новинарите се советуваат „да бидат чисти, да мирисаат убаво и да бидат фино облечени“ ако сакаат да ги импресионираат руските девојки.

Исто така им се нагласува да се однесуваат кон жените „како нешто вредно“.                                 

Прирачникот со совети наиде на критики на социјалните мрежи и AФA подоцна го отстрани тоа поглавје.

Контроверзните совети следеа само неколку месеци откако во главниот град на Аргентина Буенос Аирес се одржа најголемиот женски марш во Латинска Америка на кој демонстрантките го кренаа гласот против сеприсутниот сексизам и побараа да се стави крај на насилството врз жените.

Не поставувајте глупави прашања за секс

Аргентинскиот новинар Начо Катуљо рече дека бил еден од неколкуте десетици новинари и фудбалски работници кои присуствувале на бесплатниот курс по руски јазик и култура што го организирала AФA за оние кои ќе патуваат во Русија за Светското првенство.

На неговиот профил на Twitter тој објаснува дека им биле дадени прирачниците во кои имало поглавје „Како да ќарите Русинка?“

Тој сподели фотографии од поглавјето што беа потоа споделувани и исмевани на социјалните мрежи додека курсот уште траеше.

Катуљо вели дека одговорните лица потоа им ги собрале прирачниците на учесниците на курсот и им ги вратиле истите, само биле искинати страниците со препораките за „фаќање девојка во Русија“.

Поглавјето со совети е поделено на осум дела и е прилично директно.

„Имајќи предвид дека Русинките се убави жени, многу мажи би сакале да спијат со нив“, почнува текстот.

„Можеби и тие сакаат, но исто така се личности кои сакаат да се чувствуваат битни и единствени. Не поставувајте глупави прашања за секс. За Русите сексот е нешто многу интимно за кое не се дискутира јавно“.

Направете го првиот чекор

Во текстот Аргентинците се советуваат да почнат порано со подготовки.

„Русинките сакаат мажи кои преземаат иницијатива, кои го прават првиот чекор, ако немате самодоверба, почнете да вежбате како да разговарате со жени.“

За оние кои уште се сомневаат во себе, се нуди и совет за охрабрување:

„Не заборавајте дека голем дел од Русинките не знаат многу за вашата земја, вие сте нешто ново и различно, тоа е вашата предност во однос на мажите од Русија.“

На крај, на Аргентинците им се препорачува да бидат пребирливи и да се концентрираат на оние Русинки со кои сметаат дека би имале некаква шанса.

„Нормално, на Русинките им се битни важните работи, но секако дека ќе наидете и на такви кои ги интересираат само материјалните работи, парите и дали сте згоден тип или нешто слично. Но, не се секирајте, во Русија има многу убави жени и не се сите за вас. Бидете пребирливи!“