Connect with us

Кошарка

Тони Грнчаров нов извршен директор на МЗТ Скопје

Поранешниот капитен и кошаркарот кој прв го крена шампионскиот пехар во историјата на МЗТ Скопје Аеродром, Тони Грнчаров, ќе биде нов извршен директор на клубот. Процедурата за негово назначување е веќе почната, а наскоро тој и официјално ќе ја преземе функцијата на која досега беше Видоја Секулоски.

Грнчаров професионалната кошаркарска кариера ја почна токму во „сино-белиот“ дрес во 1999 година, а пред пет години беше дел од генерацијата која го оствари шампионскиот сон на армијата навивачи на клубот.

Новиот извршен директор исто така беше дел од првиот состав на МЗТ Скопје Аеродром кој настапи во АБА-лигата во 2012 година.

 За мене никогаш и не постоела друга екипа освен МЗТ Скопје Аеродром. Тоа е судбината на секој аеродромец, бескрајната љубов кон сино-белата боја. Се враќам дома, но сега во поинаква и исклучително одговорна функција. Примарна цел сега ни е опстанок во АБА-лигата, додека желбата да се освојат двете домашни круни е нешто што треба да се подразбира за клуб како нашиот, истакна Грнчаров за клупскиот сајт и најави поголема посветеност во младинската школа на клубот.

МЗТ Скопје Аеродром следниот меч ќе го одигра на 30 декември како гостин против Фени Индустри во рамки на 7. коло од Првата лига, а два дена подоцна ќе ѝ гостува на Цедевита во склоп на 10. коло од АБА-лигата.