Connect with us

Други спортови

„ВЕЧЕР“ доби ексклузивна можност: На тренинг со најдобрата македонска кошаркарка Едина Муса (Фото)

Таа веќе четири години работи како фитнес тренер, а до неодамна се натпреваруваше и на фитнес натпревари на светско ниво. Моментно закрепнува од повредата на коленото и затоа нема да биде во составот на репрезентацијата за квалификациските дуели, за ЕП со Шведска и Хрватска. Но, тоа не беше пречка позитивно да одговори на поканата на “Вечер# за еден заеднички тренинг, односно да го покаже своето друго лице

Не треба многу да се трошат зборови кога ќе се спомене името Едина Муса, најдобрата македонска кошаркарка, која освен што е незадржлива под обрачите, одлично се справува и во многу други работи. Таа веќе четири години работи како фитнес тренер, а до неодамна се натпреваруваше и на фитнес натпревари на светско ниво. Моментно закрепнува од повредата на коленото и затоа нема да биде во составот на репрезентацијата за квалификациските дуели, за ЕП со Шведска и Хрватска. Но, тоа не беше пречка позитивно да одговори на поканата на “Вечер# за еден заеднички тренинг во “Фитнес и Спа# во хотел Парк, односно да го покаже своето друго лице, она кога не е во главна улога на паркетот, ниту пред фотобјективите за снимање на некоја реклама, туку во теретана каде што ја одржува формата не само за себе, туку е виновна и за одличната здравствена и физичка подготвеност на многу други љубители на фитнесот и здравиот начин на живот.

Вие сте најдобрата кошаркарка во Македонија, а во исто време се занимавате и со фитнес, односно работите како фитнес тренер. Која е тајната на вашиот успех и како успевате да стигнете секаде на време?

– Веќе четири години работам како фитнес тренер и истовремено активно се занимавам со кошарка, а одреден период настапував и на фитнес натпревари на светско ниво. Ќе излажам ако кажам дека е лесно и едноставно да се посветиш максимално на работата и спортот во ист период и да бидеш успешен и на двете полиња. Тајната на успехот дефинитивно е љубовта кон тоа што го правиш, кога тоа го поседуваш сите обврски и напори веќе ги гледаш на многу поинаков начин.

Може ли да ни откриете дел од вашите планови за периодот кој следува со оглед на тоа што не се најде на скратениот список на селекторот Марјан Лазовски за квалификациските дуели за ЕП со Шведска и Хрватска. Дали случајно овие дуели се поклопуваат со некое натпреварување во фитнесот?

– Неодамна беше објавен списокот на кошаркарки од страна на селекторот Марјан Лазовски, кои ќе настапуваат на квалификациските дуели за ЕП. За жал, на почетокот на сезоната за време на дерби натпреварот помеѓу ЖКК Работнички против Бадел, се здобив со сериозна повреда на коленото која ме попречи да го завршам остатокот на оваа полусезона како и моето играње за националниот тим.

Од што се се има откажано Едина Муса за паралелно да биде успешна во два спорта?

– Многу често луѓето ми го поставуваат токму ова прашање, но само моите најблиски го знаат одговорот без да го кажам. Многу откажувања, многу труд, многу дисциплина и посветеност. Поголем дел од времето ми е исполнет само со работа и тренинзи, и во зависност од тоа дали сум во период на подготовки за некој натпревар, социјалниот живот ми е ставен на пауза. Дефинитивно не е секојдневен живот што просечна девојка го живее. Секој час од денот ми е претходно испланиран, со оглед на тоа што работам и тренирам по два пати во денот и што следам посебен режим на исхрана кои најчесто сама си ги приготвувам. Кога имам слободно време најчесто го користам за одмор или да поминам време со моите најблиски, но тоа многу ретко се случува.

Поради бројни обврски и тренинзи многумина спортисти не можат да се пофалат со својот социјален живот. Како е во вашиот случај, имате ли доволно време за дружење со пријателите?

– Како и останатите спортисти кои навистина се вложуваат во тоа што го прават и притоа достигнуваат врвни резултати, така и јас не можам да кажам дека мојот социјален живот е на некакво поинакво ниво од нивното. Многу ретко имам време да се дружам со своите пријатели или, пак, да посетам некој ноќен бар или дискотека, дури не ни помнам кога тоа било последен пат. Како и да е, јас не чувствувам некоја празнина поради тоа, бидејќи тоа што го работам моментално ме исполнува целосно.

За оние што се занимаваат со фитнес се вели дека правилната исхрана е поважна од вежбањето. Дали е вистина ова, дали сами ги подготвувате оброците или, пак, имате задолжено некој да готви за вас?

– Не можам да кажам дека за една индивидуа правилната исхрана е многу поважна од вежбањето. Јас поточно би се изразила дека едното во комбинација со другото го доведуваат телото во одлична физичка и здравствена состојба. Во поголемиот дел од времето, своите оброци ги приготвувам сама со оглед на тоа што следам посебен начин на исхрана. Како и да е, ручек или вечера во некој локален ресторан во придружба со моето момче звучи како многу подобра идеја:)

Кога би морале да се откажете од еден од спортовите, дали тоа би било кошарката или фитнесот?

– Доколку би требало да изберам еден спорт со кој би продолжила да се занимавам, без посебна причина да ме наведе на тоа како што е повреда или слично, секогаш на прво место би ја ставила кошарката, дефинитивно без двоумење.

 Кошарката е вашата прва љубов и сигурно имате омилен кошаркар. Може ли да ни откриете кој е тој и дали би одиграле партија баскет еден на еден или тоа би го направиле со некој друг?

– Моја омилена кошаркарка, а верувам и на многу млади кошаркарки, е Дајана Таураси. Доколку имам прилика зошто да не одиграме и една партија баскет.

 

Што би му посакале на „Вечер“ за 55. роденден?

Што можам да му посакам не еден од најстарите весници во земјава. Педесет и пет години на пазарот, тоа е бројка за почит. Ви посакувам да траете уште долги години исполнети со интересни содржини со кои ќе го задржите вниманието на читателите. Иако сега е време на дигитализација и повеќето информации ги добиваме преку нашите паметни телефони, секогаш е убаво кога ќе се почувствува шушкањето на хартијата меѓу прстите, затоа кога имам време сакам да читам „Вечер#, весникот на многу генерации.

 

Славе ТАСЕВСКИ

Фото: Д. Митрески