Connect with us

Фудбал

ВИДЕО: Наполи играше како во транс, ја прегази Рома во мечот посветен на Марадона

Екипата на Наполи вечерва како да играше во транс. Славеа со убедливи, големи 4:0 против Рома. Серијата голови ја започна Инсиње со прекрасен еврогол од слободен удар во првото полувреме. Со 1:0 се замина и на паузата. Во вториот дел следуваа уште три гола, а одбраната на Рома буквално го преспа мечот.

На 2:0 зголеми Руиз во 65-та минута со удар од далечина, ниско по земја. Следуваше контра во 80-та минута на Наполи, лоша интервенција на гостинскиот голман, а Мертенс одбиената топка ја испрати во мрежата на Рома. Конечните 4:0 ги постави Политано кој буквално како на тренинг се прошета низ одбраната на Рома, го предрибла и голманот и постигна гол.

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас во игра влезе во 77-та минута.

Инаку, целиот овој меч беше во знакот на легендарниот Марадона кој почина од срцев удар во средата, а кој од 1984-та до 1991 година го носеше со голем успех дресот на Наполи. Беше истакнат голем транспарент на стадионот во Неапол, натпреварот беше прекинат во 10-тата минута во чест на неговата „десетка“, а прекрасниот гол Инсиње му го посвети на Марадона. Воедно екипата на Наполи носеше специјални дресови во боите на Аргентина.

Advertisement