Фудбал
За две години од супермаркет и градилиште до дресот на Италија, се уште нема деби во Серие А, приказна како од бајките за Федерико Гати
Репрезентациите на Англија и Италија ги поделија бодовите во третото коло од Лигата на нации играјќи синоќа 0:0. Италијанскиот тренер Роберто Манчини му даде шанса во првите 11 и на 23-годишниот стопер Федерико Гати, кој дебитираше за италијанската репрезентација. Ги одигра сите 90 минути и заработи жолт картон, но приказната зад него е филмска.
Имено, Федерико Гати во сезоната 2020/2021 играше во Про Патриа, екипа од италијанската 3-та лига. Покрај тоа, играчот имал и други занимања од кои заработувал.
Тогаш работел во супермаркет, па дури и на градилиште, бидејќи приходите од италијанскиот нисколигаш биле премали, а перспективата за светла иднина на фудбалерот на Про Патриа тогаш не беше сигурна.
Сепак, судбината му се насмевна, а Фросиноне го купи на крајот од сезоната, летото 2021 година и доби можност да игра во Серија Б.
По само шест месеци Италијанецот импресионираше и дојде до голем трансфер. Го купи Јувентус за пет и пол милиони евра. Тимот од Торино го пушти играчот да остане на позајмица во Серија Б до крајот на сезоната, а се чини дека и Роберто Манчини бил воодушевен од квалитетите на дефанзивецот и го повикал во репрезентацијата на Италија.
Гати дебитираше на синоќешниот натпревар од Лигата на нации против Англија и со тоа докажа дека без разлика на вашето минато, вашиот талент и работа можат да ве одведат на високо ниво.
Тој во неодамна завршената сезона одигра 35 натпревари во Серија Б, каде постигна пет гола и имаше две асистенции.
За две години, од работа во супермаркет и на градилиште, и играње во трета лига, до дресот на Јувентус и дебито за Италија, европскиот шампион. Се уште не дебитирал во Серија А .