Connect with us

Фудбал

За “Златна топка” гласаат само експерти, затоа “Вечер” е дел од жирито

Дневниот весник ВЕЧЕР е единствениот медиум од Македонија кој е дел од жирито кое е составено од 180 судии, кои ја имаат таа чест да го дадат својот глас за најважната индивидуална награда во фудбалскиот свет, “Златна топка” на Франс фудбал.

По повод 55. роденден на весникот Вечер, ексклузивно интервју направивме со главниот и одговорен уредник во светски познатиот магазин “Франс фудбал”, Паскал Фере. Освен свое видување за моменталната ситуација во најважната споредна работа на денешницата, господинот Фере ни откри како Вечер стана дел од престижната манифестација “Златна топка”.

Господине Фере, ќе ве замолам прво да се претставите пред македонската спортска публика и да ни ја откриете вашата животна мисија?

Јас сум на чело од самиот почеток на Франс фудбал. Помеѓу мене и Франс фудбал постои една долга и прекрасна приказна. Станав дел од овој тим пред почетокот на Светското првенство во 1998 година. Ја имав таа чест да гледам како овој магазин еволуира, трансформира, како расте. Не можеш да останеш на врвот само ако играш на картата – репутација. Секоја недела треба да си ги поставиш истите прашања, се да провериш, да понудиш нешто ново. Затоа е интересна нашата мисија, затоа е уникатна.

Колку е тешко да се организира светски познатата манифестација “Златна топка”?

Мора да верувате дека организацијата за “Златна топка” не стартува неколку недели пред да биде прогласен победникот. Станува збор за мисија која не води во текот на целата година. Имаме обврска да ги следиме фудбалерите кои играат на различни континенти, кои играат во различни лиги, а не само на големите натпреварувања. Како што се доближуваме до стартот на самата операција, ние ја проверуваме легитимоста на сите 180 судии. Потоа е на ред моментот кога ги откриваме 30. фудбалери кои се во игра за престижната награда, тоа е во октомври. Ќе повторам уште еднаш, ништо не е лесно. Комитетот кој е составен од експерти има неколку состаноци, се со цел да се постигне конечен договор. Во моментот кога топката е “лансирана”, нас не води една единствена опсесија: да ја зачуваме тајната, конечниот резултат, до самиот крај. Можам да кажам дека има тежина како да го освојувате Светското првенство. Сите новинари, сите фудбалери сакаат да знаат кој е победник!

Како дојдовте до идејата, весникот Вечер да биде еден од “судиите” за “Златна топка”?

Ние го загубивме претходниот судија поради распаѓањето на државата и моравме да најдеме наследник. Се одлучивме за дневниот весник ВЕЧЕР, откако ја потврдивме легитимноста и експертиза. Тука се крие силата на “Златна топка”: гласаат само експертите. Повеќе од шест години, Франс фудбал ја има таа чест да ги има на располагање најдобрите експерти и да го има на располагање најкомплетното жири на светот.

Дали може да го поделите со нас вашето мислење околу моменталната ситуација во фудбалскиот свет и дали се реални платите кои моментално ги заработуваат играчите?

Последните објави на “Фудбал Ликс#, покажаа уште еднаш дека фудбалот е гигантска глобална компанија која се раководи од истите правила кои постојат кај комерцијалните компании: до профитот мора да се дојде по секоја цена. Клубовите станаа забавни компании, а фудбалерите се како рок ѕвезди или се големи играчи со големи плати. Но, зошто да бидеме шокирани? Фудбалерите се реални актери, како пејачите… Дали некој го обвинува Харисон Форд, Морган Фримен, Том Хенк или Том Круз кога се во прашање нивните хонорари? Не! Тогаш зошто да го критизираме Неимар, Роналдо, Меси или Мбапе? Таква е цената на нивниот талент. Од друга страна, фудбалот мора да биде внимателен поради сите тие опасности кои се околу него, каде не се мисли за доброто на фудбалската игра, туку се мисли за доброто на парите.

Дали е добро за француската Лига 1 што постои еден толку силен тим каков што е тој на ПСЖ и што сите предвреме знаат дека ПСЖ ќе ја одбрани шампионската титула?

Со пристигнувањето на катарските сопственици во ПСЖ во 2011 година, дојде до промена на лицето на француската Лига 1. Разликата во ресурсите која постои помеѓу ПСЖ и останатите 19 клуба, дава слика дека станува збор за две натпреварувања: едно за ПСЖ, кој ги брка сите рекорди, и едно за останатите 19 клуба. Нормално, Монпелје и Монако успеаја во намерата да ја освојат шампионската титула. Но, тоа е се. Во Франција, ПСЖ се освојува. Дури и нивниот втор тим може да биде шампион на Франција. Тука се гледа предноста во споредба со останатите клубови. Постои опасност од ваквата хегемонија, ПСЖ ќе почне да ги нервира фудбалските фанови во Франција. Во Франција се повеќе и повеќе се чувствува бранот на разочарување: зошто да се бориме кога знаеме дека ПСЖ се ќе освои? Лидерите во францускиот фудбал мора да бидат многу внимателни: многу е добро да го имаме Неимар и Мбапе во Лига 1, но мора да внимаваме, не смееме да ја уништиме лигата. Треба и останатите клубови како Лион, Монако или Марсеј, да ги засилат своите редови. Во спротивни, Лига 1 ќе изумре поради досада.

За крај, дали Франција покрај светската титула може да ја додаде и европската во 2020 година?

Многу е покомплицирано да се остане на самиот врв отколку да се освои врвот. Во изминатите години, тоа и успеа само на репрезентацијата на Шпанија. Дали Франција може да го повтори тој успех? Тоа е можно поради неколку причини. Прво, бидејќи конкуренцијата не е исклучителна. Италија и Германија создаваат нов тим, Аргентина е поразена, а на Хрватска ќе и биде многу тешко откако ќе остане без Модриќ. Ако се знае и дека Англија не е константна, тогаш тешко дека ќе најдеме достоен ривал за Франција. Вниманието треба да биде насочено кон Бразил, Шпанија и Белгија. Три силни репрезентации. Франција може да се надева дека ќе остане на самиот врв и поради младата генерација на фудбалери како Мбапе (20 години), Дембеле (21), Варане (25), Гризман (27) и Канте (27). Овој тим има се што е потребно да напредува, па дури и да се фокусира на проектот Светско првенство во 2022 година.

Марио СОТИРОВСКИ