Connect with us

Други спортови

Зверев воодушеви со говорот: Татко ми ќе плаче од среќа до Нова година

Германскиот тенисер Александар Зверев е сензационален победник на Завршниот мастерс турнир на осумтемина најдобри тенисери во светот што се играше во Лондон. Тој во мечот за титулата го совлада светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ со 6:4, 6:3 и стана најмладиот тенисер кој успеал да се закити со титулата на овој турнир.

Но, Зверев не воодушеви само со играта на теренот, тој ги изненади посетителите и организаторите и со својот говор по завршување на мечот. За разлика од другите тенисери Зверев го прескокна воведното и здодевно заблагодарување кон спонзорите и си ја отвори душата.

-Новак, имаше одлична сезона и навистина беше уживање да се гледа како игра. Скоро да не загуби ниеден меч во вториот дел од сезоната, а го добиваш и секој натпревар што ќе посакаш. Затоа благодарам што ме пушти да те победам. Сите знаат колку си добар, но јас знам дека ти си и многу добра личност. Морам да ти се заблагодарам за сета помош што ми ја даде и секогаш беше тука кога ми беше потребен некаков совет. Не само заради тенисот, туку и во целата кариера и животот. Но, нема тука да откриваме се за што зборевме, изјави 21-годишниот Зверев.

Потоа кажа и неколку збора за својата екипа.

-Благодарност до сите во мојот тим. Особена благодарност до мојот татко кој од среќа ќе плаче до Нова година и кој не знае за што зборувам, бидејќи не знае добро англиски. Но, тоа е во ред. Тато, ти си мојот најдобар тренер. Тука е и мојот најдобар пријател Марсело Мело, еден од најдобрите тенисери во светот. Ако не сте знаеле и тој е доста добар во овој спорт, заврши Зверев.