Connect with us

Фудбал

„Редсите“ ги уништија „црвените ѓаволи“ на „Олд Трафорд“: Манчестер Јунајтед – Ливерпул 0:5!

Во деветтото коло од англиската Премиер лига големото дерби на „Олд Трафорд“ го одиграа Манчестер Јунајтед и Ливерпул, а „Редсите“ ги понижија „црвените ѓаволи“ и славеа со 0:5.

Гостите брилијантно го отвораат натпреварот. За 0:1 погоди Кеита во петтата минута, Салах асистираше по збунетата реакција на Лук Шо. Осум минути подоцна Жота погоди за 0:2 на асистенција на Трент, а сега Мегваер имаше лоша реакција во одбраната на Јунајтед.

Во 38. минута нов хаос во одбраната на Јунајтед, топката се одби до Кеита кој го ангажира Салах, а Египќанецот погодува за 0:3, а во третата минута од судиското обештетување Салах повторно погодува за неверојатни 0:4.

Фирмино и Жота имаа шанси во првото полувреме, па Јунајтед можеше да прими повеќе голови.

Гостите стартуваат на ист начин како што го завршија првото полувреме, Салах во 49. минута на асистенција на Хендерсон погоди за 0:5.

Шест минути подоцна голот на Роналдо беше поништен по ВАР, а во 60. минута по ВАР директен црвен картон доби Погба иако влезе во игра на почетокот на вториот дел. Французинот го фаулира Кеита, кој го напушти теренот поради повреда која очигледно е посериозна.

Ливерпул до крајот на натпреварот се задоволи со пет гола во мрежата, а овој пораз веројатно значи и крај за Солскјер на тренерската клупа на Манчестер Јунајтед.

Ливерпул е на второто место со 21 бод, еден бод помалку од лидерот Челзи, додека Манчестер Јунајтед сега е на седмото место на првенствената табела со 14 освоени бодови.