Фудбал
Симеоне не сака повторно да се ракува со Клоп, што вели Германецот за тоа?
Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне е подготвен повторно да не му подаде рака на својот колега Јирген Клоп кога ќе заврши натпреварот помеѓу Ливерпул и Атлетико.
Еден од поинтересните натпревари од групната фаза на Лигата на шампионите во среда ќе се одигра на „Енфилд“ меѓу Ливерпул и Атлетико. Претходно овие два меча се одиграа 2:3 во Мадрид и „црвените“ секако повторно се фаворити.
Споменатиот меч во Мадрид е запаметен и по тоа што Симеоне избегна да се поздрави со Клоп, па веднаш по крајот на мечот се упати кон соблекувалната, а се чини дека нема намера да се поздрави ниту утре.
„Не сакам поздрави по натпревар бидејќи секогаш има емоции на две страни и две различни емоционални состојби. Знам дека тоа е секојдневие во Англија, но не го делам тој став и не сакам лажно ракување за заради протоколот“, рече Симеоне.
Тој додаде дека многу го цени Клоп и како човек и како тренер, но дека едноставно нема навика да се ракува со противничките тренери и да им честита за евентуалната победа.
Клоп го пофали и Симеоне, велејќи дека Аргентинецот е исклучителен и страстен тренер и дека не знаел дека го нема тој обичај на ракување.
„Да знаев, немаше ни да побарам да се ракувам минатиот пат“, рече Германецот.