Фудбал
Магичниот Бразил за едно полувреме ја „згази“ Кореја и закажа четвртфинале против Хрватска (ВИДЕО)
Бразил и Хрватска ќе се сретнат во четвртфиналето на СП во Катар на 9-ти декември. Ова стана јасно по вечерашните осминафинални преметки. Хрватска ја совлада Јапонија на пенали, а Бразил со убедливи 4:1 славеше над Јужна Кореја.
Бразил покажа вечерва зошто е еден, ако не и прв конкурент за освојување на титулата светски првак. За само едно полувреме, со магична игра ја „згази“ Кореја. Винисус, Нејмар, Ричарлисон и Пакета постигнаа по еден гол, сите беа постигнати од фантастични акции, во бразилски стил.
Во вториот дел се чини дека Бразил ја „крена рачната“. Не беше онаа игра од првиот дел, веројатно поради тоа што веќе со мислите беа на дуелот со Хрватска. Па, тоа им овозможи на Јужнокорејците да постигнат почесен погодок и тоа каков, „бомба“ на Паик Сонг Хо во 76-та минута. Имаше Кореја уште една неколку добри шанси, но голманот Алисон беше на висина на задачата. Селекторот Тите ги искористи сите пет измени на овој меч, а шанса му даде дури и на третиот голман Вевертон кој го замени Алисон во 80-та минута. Не беше ова никаква повреда или принудна замена, туку само одлука на селекторот и третиот голман да забележи минути.