Connect with us

Фудбал

Модриќ или Меси? Од нивното прво соочување поминаа 16 години (ВИДЕО)

Лука Модриќ или Лионел Меси? Двајца клучни играчи на своите репрезентации, „мотори“ на тимовите. Кој од нив ќе биде во големото финале ќе дознаеме вечерва по 22 часот. Првата полуфинална пресметка на СП во Катар е на програмата од 20 часот вечерва, се среќаваат Аргентина и Хрватска.

Веројатно по ова големо натпреварување и двајцата ќе кажат збогум на репрезентативниот дрес, барем такви се најавите, а кој од нив ќе ја круниса кариерата со пласман во финале и подоцна пехар, останува да се види.

Прв пат овие два „магионичари“ со фудбалската топка се сретнале во 2006-та година. Меси тогаш имал неполни 19 години, а Модриќ бил две години постар. Тоа било пријателска средба, која Хрватска ја добила со 3:2. Класниќ, Срна и Симиќ погодиле за „коцкестите“, Тевез и Меси за Аргентина.


Овие две селекции досега имале четири меѓусебни средби. Два пати на светските првенства, во 1998-ма и 2018-та, две средби биле пријателски.

На официјалните средби по една победа. Во 2018-та Хрватска славела со 3:0, а во 1998-ма Аргентина со 1:0. Во 1998-ма година поразот на Хрватска бил во групната фаза, а подоцна оваа селекција стигнала до третото место и бронзата на овој Мундијал откако за третото место ја победиле Холандија со 2:1. Во полуфиналето се поразени од Франција со 2:1.

На СП во 2018-та, Хрватска славела со 3:0 во групната фаза против Аргентина. На тој меч стрелци беа Ребиќ, Модриќ и Ракитиќ. На овој Мундијал „коцкестите“ стигнаа до финалето каде беа поразени од Франција со 4:2.

На пријателските средби исто така по една победа. Хрватска во 2006-та на првиот дуел помеѓу Модриќ и Меси славеше со 3:2, а во 2014-та подобра беше Аргентина со 2:1.

Останува да се види вечерва дали Хрватска ќе успее да обезбеди уште едно финале, или пак, тоа ќе биде Аргентина.