Фудбал
Нејмар сакаше да изглуми пенал, па доби црвен, ПСЖ победи со гол во 96-та минута (ВИДЕО)
Фудбалерите на Пари Сен Жермен по многу маки победија против Стразбур со 2:1 (1:0).
Тоа беше средба од 16. коло од Лига 1 на која се очекуваше шампионот полесно да дојде до бодови, но не беше така.
Без Лионел Меси, кој е на продолжен одмор по освојувањето на Светското првенство со Аргентина, Пари Сен Жермен се изнамачи.
И покрај тоа што Килијан Мбапе и Нејмар го започнаа мечот, „светците“ не се прославија, а најмногу за тоа е виновен Бразилецот. Во 61. минута Нејмар најпрвин заработи жолт картон, за само две минути подоцна да добие втор бидејќи се обиде да симулира прекршок за пенал!
Судијата Клемон Турпан го испрати во соблекувалната, залудни беа протестите на домаќинот.
Инаку, ПСЖ поведе во 14. Минута, кога Маркињос со глава ја упати топката во мрежата на Стразбур.
Стразбур успеа да израмни во 51. минута, а Маркињос сега постигна автогол.
Сепак, длабоко во судиското надополнување, во шестата минута беше досуден пенал кој Килијан Мбапе го претвори во гол за победа на парижаните.