Connect with us

Фудбал

Скандал ја потресе Шпанија – Барселона платила 1,4 милиони евра на познат судија!

Барселона е во големи финансиски проблеми, се „чешлаат“ деловните книги, а згора на се пристигнуваат нови обвинувања кои можат да го клекнат клубот на колена. Шпанскиот весник „АС“ пренесува дека Барселона во периодот од 2016 до 2018 година му платила 1,4 милиони евра на поранешниот шпански судија Хозе Марија Енрикез Негреира.

По пензионирањето, Негреира беше потпретседател на Судиската комисија на Шпанскиот фудбалски сојуз (од 1994 до 2018 година) и јасно е дека се алудира на тоа дека ги добил парите за да ги „потурне“ Каталонците. Во финансиските извештаи на Барселона е откриено дека сума од 1,4 милиони евра била исплатена на компанијата ДАСНИЛ 95, инаку во сопственост на споменатиот судија, а сето тоа наводно за „консултантски услуги“.

Инаку, Негреира беше професионален судија од 1975 до 1992 година и во дури 13 сезони ги водеше натпреварите од првата шпанска лига, а потоа почна да се „искачува“ на лидерските позиции во Судиската комисија.

Компанијата ДАСНИЛ 95, која се споменува во извештаите, е основана во 1995 година и првенствено се занимавала со увоз и извоз на храна, а потоа по пет години ја сменила својата намена и станала консултантска компанија, односно се занимавале со корпоративен и спортски маркетинг. Како директор, Негреира беше заменет од сопствениот син, а судијата продолжи да ја негира неговата вмешаност и „зделки“ со Барселона.

„Ги советуваше играчите како да се однесуваат кон судиите, им кажа и што можат да направат на кој натпревар во однос на тоа кој е избран за главен судија“, пишуваат шпанските медиуми каква била улогата на споменатиот судија, додека Барселона објави и појасни дека знае дека истрагата е во тек.

Во времето кога добивал пари од Барселона, кои не биле пријавени во даночната управа, претседател на фудбалскиот клуб бил Хосеп Марија Бартомеу, кој бил разрешен во 2020 година поради катастрофалната ситуација во клубот.