Connect with us

Фудбал

Неславен крај на Рамос, му се јавиле телефонски да му кажат дека не сметаат на него

Серхио Рамос ја заврши својата репрезентативна кариера, може да се каже, на прилично неславен начин. Најпрво немаше место за легендарниот дефанзивец на Мундијалот во Катар, поради одлуката на сега веќе поранешниот селектор Луис Енрике, а сега разговараше со новиот селектор на Црвената фурија Луис де ла Фуенте, кој му порача дека не сметаат на него пред почетокот на квалификациите за ЕП.

Актуелниот член на Пари Сен Жермен и легендарен фудбалер на Реал Мадрид со големо жалење објави официјална порака на социјалните мрежи.

Рамос (36) и покрај сериозната возраст веруваше дека има уште многу да понуди во дресот со државниот грб.

„Дојде време да се збогуваме со репрезентацијата, нашиот драг и возбудлив црвен дрес, утрово ми се јави актуелниот селектор кој ми кажа дека нема да смета на мене, без разлика на кое ниво можам да одиграм. Со големо жалење дојдов до крајот на едно патување за кое се надевав дека ќе биде подолго и ќе заврши со подобар вкус, порача Рамос.

Искусниот ас запиша точно 180 настапи во дресот со националниот амблем и постигна 23 гола.