Connect with us

Фудбал

Од тоа што ни беше свето остана само месото и чајот

Хуан Роман Рикелме е последната “десетка” на аргентинскиот гигант Бока Јуниор, која дури три пати го има освоено пехарот во Копа Либертадорес. Поранешниот фудбалер на каталонскиот гигант Барселона не крие дека е огорчен од фактот дека реванш дуелот од финалната пресметка во Копа Либертадорес, помеѓу вечните ривали, Бока Јуниорс и Ривер Плата, ќе биде одиграна утре на фудбалскиот храм “Сантијаго Бернабеу” во Мадрид.

Аргентинската легенда е посебно огорчена поради фактот дека за првпат во историјата за континенталната титула се игра “Суперкласико”, најголемото и најлудото градско дерби во светот, вечните ривали од Буенос Аирес.

Првата пресметка на “Бомбонера” заврши без победник, 2:2, а пред две недели, пред почетокот на реванш пресметката, најрадикалните фанови на Ривер Плата, го нападнаа клупскиот автобус на Бока Јуниор со камења и пиротехнички средства и повредија неколку играчи.

Поради тој инцидент, реванш дуелот беше одложен, а по долгите преговори на натегања, беше договорено, пресметката за клупската титула во Јужна Америка, да биде одиграна во Мадрид.

Рикелме, кој играше за Бока цели 14 години, каде ги освои сите домашни, континентални и интерконтинентални трофеи, никако не може да ја прифати таквата одлука.

  • Тоа во Мадрид нема да биде “Суперкласико”. Тоа ќе биде најскап пријателски натпревар во фудбалската историја. Постојат неколку работи кои се свети за секој Аргентинец. Месото на скара, мате и Суперкласико. Сега ни го земаа тоа. Во нашата земја, дуелот помеѓу најголемите клубови е нешто свето. Може само да замислите колку таа ни значи сега кога е во прашање победничкиот трофеј. Многу тажно, ќе се игра надвор од својот град, надвор од својот континент. Ова е голем пораз за аргентинскиот фудбал и тоа не смееше да се случи. Суперкласико е наш спектакл, наша забава и нема што да бара во Мадрид и Европа. Едноставно нема никаква смисла. Бев возбуден дека Бока ќе станеше шампион на Јужна Америка во дворот на Ривер Плата и ривалот ќе мора да го почитува тој успех. Сега ќе немаме ништо од тоа, изјави Рикелме.

Неделниот реванш финален дуел од Копа Либертадорес помеѓу Бока Јуниорс и Ривер Плата ќе стартува во 20:30 часот.