Connect with us

Ракомет

Амбициите големи,  можностите…

Македонската ракометна репрезентација замина за Минхен (Германија) каде што ќе ги игра натпреварите од групната фаза на 26. Светско првенство. „Црвено – жолтите” на ова првенство ќе се натпреваруваат во Б-групата заедно со репрезентациите на Јапонија, Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд.

Избраниците на селекторот Раул Гонзалез првиот натпревар ќе го одиграат во петок против селекцијата на Јапонија. Ова е четврти последователен настап на репрезентацијата на еден Мундијал, а вкупно шести и многу важен, бидејќи преку него ќе може да се обезбеди пласман во квалификациите за Олимписките игри во Токио во 2020 година.

Но, непосредно пред тргнувањето за Минхен, селекторот Гонзалез се соочи со проблем околу составот, бидејќи левото крило Димитар Димитриоски, кое беше сигурен на списокот како замена за Дејан Манасков, на последниот тренинг го повреди скочниот зглоб и отпадна, а неговото место го доби пикерот Милан Лазаревски. Првите оценки на медицинскиот тим на репрезентацијата се дека крилото има потреба од мирување од десетина дена пред да почне со тренинзи, што би значело пропуштање на групната фаза во Минхен.

Гонзалез на првенството замина со 18 ракометари, а во конечниот список ќе може да пријави само 16. Во групната фаза ќе има можност да смени тројца ракометари, а најверојатно да ја почувствуваат атмосферата на теренот во некои од петте натпревари ќе добијат и двете резерви за кои е предвидено сигурно место на трибините, особено во првиот натпревар против Јапонија.

Македонија ќе мора добро да се испоти на ова првенство ако сака пласман во олимписките квалификации, бидејќи во вториот круг не одат првите четири репрезентации, туку само првопласираните три. Ова значи дека освен победи над условно кажано аутасјдерите Јапонија и Бахреин ќе треба да се победи и Исланд, бидејќи фаворити за првите две места во групата се европскиот шампион Шпанија и Хрватска.

Најголем успех на Македонија на Светските првенства е деветтото место освоено на првенството во Катар во 2015 година.

ГРУПИ

Група А: Франција, Русија, Германија, Србија, Бразил, Ј. Кореја

Група Б: Шпанија, Хрватска, Македонија, Исланд, Бахреин, Јапонија

Група Ц: Данска, Норвешка, Австрија, Тунис, Чиле, Саудиска Арабија

Група Д: Шведска, Унгарија, Катар, Аргентина, Египет, Ангола

Утре и во петок на програмата:

10 јануари – Група Б: Германија – Ј. Кореја (18:15), Група Ц: Чиле – Данска (20.15)

11 јануари – Група А: Србија – Русија (18.00 ч), Бразил – Франција (20.30), Група Б: Јапонија – Македонија (15.00), Исланд – Хрватска (18.00), Бахреин – Шпанија (20.30), Група Ц: Саудиска Арабија – Австрија (18.00), Тунис – Норвешка (20.30), Група Д: Ангола – Катар (15.30), Аргентина – Унгарија (18.00), Египет – Шведска (20.30)