Фудбал
Анчелоти: Големите тимови играат за да победат, а не да калкулираат
Италијанскиот стратег Карло Анчелоти пред вечерашниот натпревар од Лигата на шампионите против ПСЖ порача дека големите клубови не калкулираат туку одат на победа.
Наполи на „Сан Паоло“ ќе го пречека ПСЖ во еден од најважните натпревари во групната фаза, а Анчелоти порача дека неговиот тим ќе даде се од себе да оствари победа и да остане во добра ситуација кога е во прашање пласман во осмина финалето од ова натпреварување.
„Никогаш не е вистинско време да играш со најдобрите тимови. Кон ПСЖ имаме гола почит, но со играта во претходниот натпревар покажавме дека можеме. Се наоѓаме во добар момент и ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме“, рече Анчелоти, па потоа се осврна на ситуацијата во групата:
„Ситуацијата за нас е добра, многу подобра од последното реми во првиот натпревар против Звезда, но големите тимови играат да победат, а не да се занимаваа со калкулации. Прерано е за да прогнозираме, далеку сме од групната фаза“.
Наполи моментално има пет бодови, односно еден повеќе од ПСЖ кој е на третата позиција, а имаат еден помалку од Ливерпул кој е лидер.