Фудбал
Аргентинското чудо од дете е наследник на Модриќ
Угледниот спортски весник “Марка”, ја пласираше информацијата дека актуелниот европски клупски шампион, тимот на Реал (М), и официјално го има договорено трансферот на големиот талент од редовите на Ривер Плата, Езекел Паласио.

Аргентинскиот интернационалец ќе се пресели на “Сантијаго Бернабеу” за време на летниот преоден рок, а шпанските медиуми шпекулираат дека обесштетувањето ќе се движи помеѓу 23 и 30 мил. евра. Челниците на “кралскиот клуб” сакаа трансферот да биде реализиран за време на зимскиот преоден рок, но аргентинскиот клуб ја одби таа понуда.
Аргентинските медиуми информираат дека Паласио е најголем талент во тимот на Ривер Плата и дека интерес за неговите услуги покажале најбогатите европски клубови. Иако има само 20-години, Паласио поседува универзален квалитет и треба да биде идеален наследник на најдобриот фудбалер на денешницата, Лука Модриќ.
За Ривер дебитираше со 17 години, а пред неколку месеци дебитираше и за националниот тим на Аргентина.
Судејќи според ваквиот развој на настаните, Реал (М) се има одлучено на купување на играчи кои се светски таленти и кои ќе треба да соработуваат со Марко Асенсио и Винисиус Јуниор. За време на летниот преоден рок во Мадрид ќе се пресели и бразилското чудо од дете, Родриго Гоеса, кој моментално настапува како позајмен фудбалер во дресот на Сантос.