Фудбал
Борусија Дортмунд го претстави првото засилување
Борусија Дортмунд го претстави своето прво засилување за новата сезона, а станува збор за 23-годишниот голман Грегор Кобел.
Кобел, кој неодамна беше именуван во репрезентацијата на Швајцарија за ЕУРО, потпиша договор со Борусија до летото 2026 година и доаѓа од Штутгарт.
Голманот висок 195 сантиметри бранеше на 33 од 34 натпревари во Бундеслигата на голот на Штутгарт минатата сезона.
„Многу сме среќни што Грегор Кобел ја избра Борусија Дортмунд. Гледаме голем потенцијал во него. Неговите голмански вештини совршено одговараат на нашиот стил“, нагласува спортскиот директор на Дортмунд, Мајкл Зорк.
„Борусија Дортмунд е еден од најголемите и најпознатите фудбалски клубови во светот. Клуб кој секоја година се бори за титулата и ДФБ Купот и игра во Лигата на шампионите. Ме прави горд што играм за Дортмунд. На теренот може да се види дека јас сум многу емотивно момче. Да се биде на теренот пред повеќе од 80.000 гледачи во Дортмунд по пандемијата, во таква атмосфера – навистина го чекам со нетрпение!“, рече 23-годишникот.
Борусија на голот со години имаше уште еден Швајцарец, Роман Бурки, и тој треба да ја продолжи кариерата во Монако, Франција.