Connect with us

Кошарка

Четириесет и седум години од формирањето на КК Тиквеш

Четириесет и седум години од формирањето на Кошаркарскиот клуб Тиквеш одбележува Кавадарци. Историчарот Петре Камчевски денеска се осврна на неколку сегменти од историјата на клубот кој даде врвни кошаркари, многу значајни имиња, стандардни репрезентативци на Македонија како Врбица Стефанов, Тодор Гечевски, Горан Самарџиев, Ристе Стефанов и други.

– На 11 јануари 1970 година, по иницијатива на една група ентузијасти меѓу кои И. Каровски, Б. Ивановски, Ж. Клинчаров, Ж. Попов, Т. Ридов, Д. Галапчев, И. Лелов, Д. Пецов, М. Ацев, Р. Прескакулев, И. Каров, Б. Камчев, Д. Христов, П. Каров, Р. Анѓушев, И. Еленов, Д. Петров и други, беше формиран овој кошаркарски клуб, информираше Камчевски, кустос советник историчар и директор на кавадаречкиот музеј.

Пролетта 1970 година клубот учествувал на турнир за потполнување на Македонската кошаркарска лига. На овој турнир во конкуренција на пет екипи го освои второто место, но не успеа да влезе во лигата. Новата шанса кошаркарите на Тиквеш не ја пропуштија и во 1971 година изборија пласман во МКЛ. Првиот натпревар го одиграа во Кавадарци против 22 Октомври од Кочани и го победија со 102:64.

Во првата натпреварувачка сезона кошаркарите на Тиквеш го освоиле четвртото место. Најголемиот успех го направиле во натпреварувачката 1984/85 година под водство на тренерот П. Камчевски, кога го освоиле првото место во МКЛ. Во 1992/93 година Тиквеш избори пласман заедно со Вардар во Првата кошаркарска лига на Македонија.