Фудбал
Дали Пјаниќ е отпишан од Јувентус? „Сари не ја кажува вистината“
Веќе втор натпревар по ред, Миралем Пјаниќ седи на клупата за резервни играчи на Јувентус.
Пјаниќ по мечот со Лацио не доби ниту една минута во натпреварот против Удинезе, а по натпреварот, тренерот на „Старата дама“ Маурицио Сари го коментираше прашањето зошто не игра Пјаниќ.
„Тој има проблем со повреда, но ништо сериозно. Натпреварите што се играа во последно време не ми се чинеа „негови““, рече Сари.
Сепак, новинарот на Скај Италија, Џовани Гвардала тврди дека Сари не ја кажува вистината во овој случај.
„Кога Сари вели дека Пјаниќ не е играч за овие натпревари, тогаш тој не ја кажува вистината. Да се каже тоа за играч околу кој се врти играта и кој никогаш не бил изоставен од тактички причини е чудно. Мислам дека има нешто друго во сето ова. Можеше барем да каже дека сака да види дали Бентанкур одговара на улогата на Пјаниќ за следната сезона, затоа што тој го напушта клубот“, рече Гвардала, алудирајќи на фактот дека Пјаниќ е „жртва“ на фактот дека тој веќе е продаден и дека веќе не сметаат на неговите услуги.
Очигледно е дека Пјаниќ ја доживува судбината на Артур Мело во Барселона. Тој беше ставен на клупата по размената со Јувентус, а сега истото се случува и со Пјаниќ.