Connect with us

Фудбал

Дејвид Бекам изненади со изборот на својот прв фаворит за освојување на Светското првенство

Дејвид Бекам е амбасадор на Светското првенство што ќе се одржи во Катар во ноември и декември.

Засега се познати најголемиот дел од учесниците на Мундијалот, додека преостанатите репрезентации кои ќе се борат за титулата најдобро ќе бидат познати во јуни.

Бекам со големо внимание ги следеше случувањата за време на квалификациите, а дефинитивно изненади со својот прв фаворит за титулата.

Легендарниот англиски репрезентативец се одлучи за селекцијата на Данска која одигра перфектни квалификации. Својата сила Данците ја покажаа и во вторникот кога во пријателски дуел ја совладаа Србија со 3-0.

„Бидејќи е Светско првенство, автоматски зборуваме за Бразил, Аргентина, Франција, големите репрезентации кои освоија многу турнири“, рече Бекам, додавајќи:

„Но, јас сум возбуден поради вториот тим. Тоа е Данска. Мислам дека тие би можеле да бидат освежување. Тие се добро подготвени и секогаш играат добро на големите натпреварувања“.

Бекам ги прокоментира и шансите на својата Англија, која лани по пенал беше поразена од Италија во финалето на ЕУРО.

„Секогаш очекувам многу од Англија. И навивачите. Мислам дека Герет Саутгејт заврши одлична работа. Имаме тим од играчи кои се заедно долго време“.

„Веќе не може да се каже дека се млад тим, иако голем дел од играчите се релативно млади. Има и искусни играчи како Хари Кејн. Мислам дека ова е добра шанса за нас“.

Данците никогаш досега не биле светски шампиони, додека Англичаните само еднаш го подигнаа славниот трофеј, во далечната 1966 година.