Фудбал
Дибала го откри договорот на Јувентус за слободните удари
Паоло Дибала се најде во незгодна ситуација со доаѓањето на Кристијано Роналдо. Одличниот Аргентинец поминува повеќе време на клупата отколку што е навикнат, но кога игра – игра одлично.
Така на вториот натпревар од лигата на Шампионите запиша хет – трик против Јанг Бојс, а неговата одлична игра беше повод за интервју за „Gazzetta dello Sport“.
Една од поинтересните теми беше „пактот за слободни удари“ во Јувентус и неговата промена со доаѓањето на Роналдо во редовите на Старата дама.
Познато е дека Дибала и Пјаниќ беа стручњаците за изведување на слободните удари во Јувентус, но ова лето им се придружи и Роналдо, па сите претходни договори паднаа во вода.
„Минатата година Миралем и јас имавме пакт – ако слободниот е повеќе на лева страна би шутирал тој, а ако е на десна страна би го извел јас. Кога дојде Роналдо му напишав порака на Пјанич: Жал ми е Мире, но оваа година нема да изведуваш многу слободни удари“, изјави Дибала, па додаде:
„Шала на страна, знам како стојат работите. Кога слободниот е на десна страна шутира Кристијано, ние само стоиме тука и позираме за добра фотографија. И кај пеналите се знае хиерархијата – прво Роналдо, па јас и потоа Пјаниќ“.