Connect with us

Фудбал

Двајца Македонци извисија пред Камп Ноу, парите за влезниците ќе им ги вратат

Меѓу илјадниците навивачи кои беа во исчекување дали ќе се игра натпреварот меѓу Барселона и Лас Палмас, имаше и двајца нашинци кои немаа среќа туристичкото разгледување на преубавата метропола да го крунисаат со фудбалски меч и да го видат Меси во живо, пишува off.net.mk

Но не беа само тие. Едно семејство од Мелбурн минало цели 16 илјади километри за да пристигне во Барселона, но сепак судбината посака да не бидат дел од публиката на „Камп Ноу“ поради настанатата вонредна ситуација во градот. Всушност, тричленото семејство ги резервирале билетите уште пред три месеци, а тогаш најголема желба на синчето било да го види својот идол Нејмар кој пак веќе не е дел од Барселона. Ваквиот расплет на настаните направи да бидат многу интересни за шпанските медиуми, а бидејќи нивната приказна е навистина специфична, на социјалните мрежи почнаа да го добиваат епитетот фудбалски малери на годината…
И додека гласањето на референдумот за независност на Каталонија течеше доста тензично со инциденти, тие заедно со толпата чекаа пред Камп Ноу со надеж дека ќе се отворат вратите за мечот.

Барселона прво реши да го одложи мечот, а потоа во 5 до 12 ја промени одлуката и пресече дека ќе ја одигра средбата без публика. Тоа допринесе до конфузија кај навивачите кои се прашуваа дали ќе ги добијат парите назад.

Навивачите пополнувале формулари со барање за да им ги рефундираат средствата, а клубот на крај не дозволи да си го извалка реномето. Матеа и Марко само еден ден по одигрувањето на мечот добија мејл од Барселона дека парите (инаку 148 евра) ќе им бидат вратени на картичка за неколку дена.