Фудбал
Единсон Кавани веќе одлучи во кој клуб ќе ја продолжи кариерата
Уругвајскиот напаѓач Единсон Кавани сака да го напушти Манчестер Јунајтед бидејќи не е задоволен од минутажата што ја има.
34-годишниот Уругваец минатото лето пристигна на „Олд Трафорд“ како слободен играч откако му истече договорот со ПСЖ.
Минатата сезона имаше многу подобра минутажа од оваа, а тоа го оправда на теренот бидејќи одигра неколку одлични партии. Кавани минатата сезона постигна дури 17 гола на 39 натпревари и се покажа како големо засилување.
Сепак, откако Кристијано Роналдо се врати во клубот ова лето, го загуби првотимскиот статус и неговата минутажа е драстично помала од минатата сезона.
Уругваецот во досегашниот дел од сезоната одигра само осум натпревари во сите натпреварувања и успеа да постигне само еден гол. Затоа се погласни се гласините дека Кавани сака што поскоро да го напушти Јунајтед.
Тој има соработка со „црвените ѓаволи“ до крајот на сезоната, но неговата цел е да се обиде да го напушти клубот во јануари.
Англискиот „The Sun“ објави дека Кавани му дал задача на својот агент да го раскине договорот со Јунајтед бидејќи е свесен дека неговиот статус во тимот нема да се промени ниту по доаѓањето на Ралф Рангник.
Наводно, Кавани веќе одлучил кариерата да ја продолжи во Барселона и има договор со Каталонците, па единствено прашање е дали во јануари ќе пристигне во овој клуб или само на крајот на сезоната кога му истекува договорот.