Connect with us

Тајмаут

Европскиот првак во карате Емил Павлов пречекан во својот роден град Штип

Штипјанецот Емил Павлов кој по вторпат стана европски првак во карате, на првенството што се одржа во Нови Сад, синоќа беше свечено пречекан од градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, претставници на локалната власт и бројни штипјани.

Павлов истакна дека на Европското првенство ја претстави Македонија и градот Штип на едно високо ниво, а ја покажал и својата одлична форма.

– Имав доста тешки борби, пет победи, од нив можам да ја издвојам првата борба, доста беше тешка, во последните секунди успеав да израмнам и да победам и потоа работите се нормализираа. Сите борби ги победив, доста убедливо со високи резултати. Така што по вторпат станав европски првак, рече Павлов.

Златниот медал на Европското првенство во Нови Сад му го олеснува патот за постигнување на нормата за учество на Олимдијата во Токио во 2020 година, а сега го очекува и Светското првенство, од каде, како што рече, му недостасува медал. Тој се заблагодари и на своите тренери браќата Сашко и Жарко Арсовски.

Градоначалникот на општина Штип, Бочварски на Павлов му додели ваучер од 50.000 денари и рачен часовник.

– Сакам во мое име и во име на општина Штип да му го честитам овој успех на нашиот сограѓанин Емил Павлов и да го поттикнам да продолжи со макотрпната работа и да не радува со нови успеси. Општина Штип ќе биде партнер на сите спортисти и спортски клубови кои за возврат нѐ претставуваат во вистинско светло, вели Бочварски.