Фудбал
ФФМ закажа Вонредно изборно собрание: Муамед Сејдини ја поднесува оставката
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука да закаже Вонредно изборно собрание за избор на нов претседател на Федерацијата. Собранието ќе се одржи на 22 декември 2024 година, кога ќе биде констатирана оставката на актуелниот претседател Муамед Сејдини и ќе се избере негов наследник.
Во своето официјално соопштение, Сејдини истакна дека одлуката да се повлече доаѓа по седум години исполнети со, како што ги нарече, „историски достигнувања“ за македонскиот фудбал.
„После седум извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Овој период ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал,“ изјави Сејдини.
Тој се осврна на значајните успеси, вклучително и учеството на ЕУРО 2020, второто место во квалификациите за Светско првенство, победата над Италија во Палермо, како и пласманот во Лига Б во Лигата на нации. Покрај спортските успеси, Сејдини го нагласи развојот на инфраструктурни проекти во соработка со УЕФА и ФИФА.
„Ја напуштам оваа позиција со гордост и огромна благодарност до сите кои придонесоа за овие успеси,“ додаде Сејдини, ветувајќи дека ќе ја извршува својата функција до Вонредното собрание.
Со оваа одлука започнува процесот на избор на ново раководство кое ќе го продолжи патот на македонскиот фудбал.