Фудбал
ФК Работнички слави 80 години постоење
На денешен ден во 1937 година беше оформен еден од најстарите фудбалски клубови во Македонија – ФК Работнички. Клубот од „Дебар маало“, го стартува својот почеток како еден од најголемите фудбалски колективи во историјата на македонскиот фудбал.
– Согледувајќи ја важноста на фудбалската игра која во годините пред Втората светска војна зафаќа се поголем замав на Балканските простори, а веднаш и по првото учество на поранешна Југославија на СП во Уругвај, Дане Крапчев ја носи идејата за формирање на клуб кој би имал централно место во животот на Дебар Маало. Младите од Дебар маало во 1935 и 1936 години максимално активно се обидувале да регистрираат фудбалски клуб, затоа што не наидувале на разбирање од тогашната власт. Пролетта 1937 година на предлог на Дане Крапчев, кој го дава и името, во октомври е формиран ФК Работнички, пред се и затоа што основачите произлегувале од работнички семејства, од работничка средина. Основачкото собрание на клубот се одржало на 4 октомври 1937 година, објави Работнички на клупскиот сајт.
Натпреварувачката 1938/39 е првата официјална сезона. Работнички играше и во Втората лига во Југославија, а со години се натпреваруваше во Првата лига на Македонија. За првпат Работнички стана член на најсилната Прва лига на поранешна Југославија во сезоната 1952 година, обезбедувајќи место откако претходната сезона заврши на второто место во Втората сојузна лига на Југославија. По вторпат во друштвото на најдобрите клубови во поранешна Југославија, Работнички се најде во сезоната 1953/54.
По осамостојувањето на Македонија, ФК Работнички е еден од најдобрите домашни клубови без конкуренција. Со освоени четири шампионски титули и четири титули во Купот на Македонија е вброен во најдобрите македонски фудбалски колективи.
Има забележителни настапи и во европските купови. Дуелите против Дебрецин, Болтон, Ливерпул, Лацио, Трабзонспор… засекогаш ќе останат запаметени во историјата не само на Работнички, но и на македонскиот фудбал воопшто.