Кошарка
ФОТО: По 50 години Работнички ќе блесне во нов дом
По безмалку педесет години, најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, Работнички во наредниот период се очекува да добие нов дом.
Имено, општината Центар денеска писмено ги известила учесниците на конкурсот за идејно решение за новата повеќенаменска сала на кошаркарскиот прволигаш Работнички за резултатите од истиот, според кој се избрани три награди и уште толку рамноправни откупа.
Ова би требало да значи дека веќе е избран новиот изглед на салата која треба да никне на местото на сегашниот „Градски парк“, а која би имала капацитет од 3.000 седишта. Засега нема најава дали и кога би почнала реализацијата на овој проект, кој неколку години е најавуван од сѐ уште актуелниот градоначалник на оваа општина, Андреј Жерновски.
Но откако Андреј Жерновски, првиот човек на клубот и Општина Центар, реши да се повлече од трката за градоначалник, останува прашањето кој ќе го реализира неговиот проект кој е најавен пред речиси една година.
Актуелниот градоначалник на Центар Жерновски го презентира идејното решение кое е избрано како најдобро од вкупно 15 проекти, на новата сала „Градски парк“ која ќе има капацитет од 3.000 места, а ќе биде повеќенаменска.
– На објавениот конкурс добивме вкупно 15 архитектонски идејни решенија за новата повеќенаменска спортска сала на КК Работнички, а ова е првопласираниот концепт. Објектот одлично ќе се вклопи во Градскиот парк и ќе се гради без да се исече ниту едно дрво. Се надевам дека граѓаните ќе ја користат оваа сала и не се сомневам дека нашата нова општинска власт ќе го спроведе градењето професионално, изјави Жерновски.
Актуелниот објект во кој играат центарци е изграден во далечната 1970 година како привремено решение за потребите на Светското првенство кое го организирала поранешната СФР Југославија. Иако од монтажен карактер, „Градски парк“ во следните речиси пет децении ќе стане симбол за еден од најуспешните спортски колективи кај нас, со напомена дека веќе со години наназад условите за спортување во него се далеку под секој минимум, а Работнички чека на шампионска титула во домашното првенство уште од 2009 година.