Connect with us

Фудбал

ФОТО+ВИДЕО: Дожд од голови во Скопје, Македонија го „прегази“ Казахстан

Фудбалската репрезентација на Македонија забележа убедлива победа на денешниот натпревар против репрезентацијата на Казахстан со 4:0. Според играта која ја покажаа нашите репрезентативци ова беше апсолутно заслужена победа.

Првата шанса на натпреварот за нашата репрезентација дојде во 10. минута од натпреварот. Елмас имаше одлична шанса да го отвори резултатот но неговиот удар беше блокиран.

Во 13. минута Тричковски имаше убава можност за водство на Македонија, но сепак неговиот удар беше блокиран.

Во 23. Костадинов ја имаше можеби најдобрата шанса за водство на нашата репрезентација, но Покатилов спречи да се тресе мрежата на Казахстан.

Во 34. минута, Елмас му избега на одбраната на Казахстан и беше фаулиран во шеснаесетникот, а судија без двоумење покажа на Белата точка. Одговорноста за пеналот ја презеде Алиоски кој беше прецизен и му донесе водство на Македонија од 1:0.

На самиот крај на првото полувреме, Казахстан остана со играч помалку на теренот поради грубиот старт на Мужиков врз Ристовски.

За разлика од нашата репрезентација, Казахстан не успеа да упати ниту еден шут кон голот на нашата репрезентација, па немаше многу работа за Димитриевски.

И второто полувреме нашата репрезентација го започна одлично. Нашата репрезентација имаше предност од 1:0 и играч повеќе од првото полувреме, но сепак и покрај таа предност игравме офанзивен фудбал и баравме начин да дојдеме до двојна предност.

Шансата дојде во 57. минута од натпреварот кога Пандев го пронајде Костадинов во шеснаесетникот на Казахстан кој убаво ја спушти топката за Тричковски, кој лесно ја затресе мрежата и донесе водство од 2:0 за Македонија.

Во 74. минута од натпреварот Милан Ристовски кој влезе од клупата за резерви го зголеми резултатот на 3:0, а само две минути пота, односно во 76. минута Чурлинов, кој исто така во игра влезе од клупата за резерви, ја затресе мрежата на Казахстан и го зголеми резултатот на 4:0. Несомнено овие двајца ја оправдаа довербата на селекторот Ангеловски и одлично ја искористија укажаната шанса.

До крајот нашата репрезентација создаде уште неколку опасни напади по голот на Казахстан, но сепак резултатот остана 4:0.