Фудбал
ФОТО+ВИДЕО: Сите се прашуваат каде беше голманот на Шкотска кога Чесите ја зедоа топката
Денес репрезентацијата на Чешка ја совлада Шкотска со 2:0 во мечот од првото коло во групната фаза на Европското првенство.
Чешка без поголеми проблеми успеа да победи во Глазгов, иако Шкотите започнаа доста агресивно од првата минута на овој натпревар.
Домашниот тим имаше неколку добри шанси да оствари предност, но не успеа. Чесите ги казнија во 42. минута од натпреварот кога Патрик Шик погоди за 1:0.
Истиот играч беше во центарот на вниманието во 52. минута од играта кога постигна неверојатен погодок за 2:0.
Шик успеа да ја затресе мрежата на Шкотска со удар од центарот на теренот и ова е без сомнение најубавиот погодок на Европското првенство досега. Но, многумина се прашуваа што се случи со домашниот голман Дејвид Маршал.
Веќе по ударот на Шик, беше очигледно дека Маршал беше на десетина метри пред неговиот гол и тој не успеа да се врати и да ја одбрани својата мрежа.
Топката заврши во голот на Шкотска, како и голманот на оваа селекција кој се заплетка во мрежата, а навивачите на трибините на стадионот во Глазгов не можеа да поверуваат каков гол прими.
Меѓутоа, наскоро на Твитер се појави фотографија на која се гледа каде е Маршал кога неговиот тим ја загуби топката, а Чесите брзо тргнаа на контра.
Имено, Маршал беше скоро до центарот на теренот и се обиде да врати назад кон својот гол бидејќи сфати што ќе прави Шик. Но, по фантастичниот удар на чешкиот напаѓач, за него едноставно немаше спас.