Фудбал
Гасперини го „уништи“ судијата на мечот против Реал Мадрид: Ако не знае, нека најде друга работа …
Реал Мадрид синоќа ја совлада Аталанта со 1:0 во Бергамо во првиот дуел од осминафиналето во Лигата на шампионите.
Ферланд Менди го постигна победничкиот погодок во финишот од мечот, но домашниот тим 75 минути играше со играч помалку по сомнителното исклучување на Рем Фројлер.
Тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини смета дека судијата Тобијас Стилер е одговорен за победата на Кралевите.
„Ќе беше поинаку доколку играта се играше 11 против 11. По исклучувањето, добро се браневме и скоро се изборивме за нерешено“, рече Гасперини и продолжи за судијата:
„Натпреварот беше уништен. Минатата сезона, по целосен хаос, прашањето за играње со рака беше решено, а сега очигледно имаме обид да спречиме каков било контакт во фудбалот. Тоа е убиство на спортот“.
„Суспендиран сум во Серија А затоа што премногу зборував. УЕФА ќе ме суспендира на два месеци ако кажам нешто, но … Не можеме да имаме судии кои никогаш не играле фудбал и не ја знаат разликата помеѓу дуелот и фаул. Ако не ја знаете разликата, одете да најдете друга работа. Подобро е да ангажирате луѓе кои играа фудбал како судии. Тие имаат апсолутно сè за да им ја олеснат работата, а грешат и додека ја гледаат снимката. Чекаме толку долго за ваков натпревар, а потоа тие го уништуваат. Можеби би загубиле во секој случај, не се жалам на резултатот, но тие можеа да ни дозволат барем да ја играме нашата игра“, рече Гасперини.
Се разбира, за Аталанта не е сè изгубено. Тие се многу опасна екипа и Реал ќе мора да даде се од себе во реваншот.