Connect with us

Фудбал

Ги водеше најголемите фудбалски ѕвезди, но една се издвојува: „Ќе им кажам на сите дека јас го тренирав“

Зинедин Зидан на крајот од минатата сезона одлучи дека е време да го напушти Реал Мадрид.

Францускиот стручњак освои се што можеше со Кралскиот клуб и сфати дека е време да најде нов предизвик во својата тренерска кариера.

Зидан имаше неколку примамливи понуди по заминувањето од Реал, но тој е дециден дека следната работа ќе му биде селектор на Франција и за тоа е подготвен да почека уште една година.

Се очекува Дидие Дешам да ги напушти триколорите по Светското првенство во Катар и како што стојат работите Зидан ќе биде новиот селектор на актуелните светски шампиони.

Затоа не сака да започнува други проекти и да ги прифаќа понудите на заинтересираните клубови, па решен е да чека колку што е потребно за на крајот да стане селектор на Франција.

Зидан во последно време не се истакнува многу во медиумите и е фокусиран на одморот, но понекогаш може да се прочитаат некои негови изјави во шпанските медиуми.

Тој во досегашната тренерска кариера тренираше неколку навистина врвни фудбалери во Реал Мадрид, а кој му остави посебен впечаток реши да открие. Иако очекуваа тоа да биде Кристијано Роналдо, на крајот тоа не беше случај.

„Кога ќе ја завршам тренерската кариера и ќе се пензионирам, со гордост ќе им кажам на луѓето дека сум го тренирал Тони Крос. Тој е еден од најдобрите играчи на сите времиња на позицијата на која игра“, изјави Зидан.

Крос пристигна во Реал Мадрид од Баерн во летото 2014 година за 25 милиони евра и тоа беше одличен потег на кралевите. Седум години е стандарден член на првиот тим и продолжува да воодушевува со своите игри.

31-годишниот Германец во својата кариера досега одигра 328 натпревари за Реал Мадрид и постигна 23 гола и додаде 80 асистенции.

Пред да дојде во Реал Мадрид, тој во кариерата одигра преку 200 натпревари за Баерн, а играше и за Баер Леверкузен. Исто така, во дресот на германската репрезентација одигра 106 натпревари и постигна 17 голови, а беше светски првак со оваа репрезентација во 2014 година.