Други спортови
Ѓоковиќ: Новата генерација е на прагот, но Рафа, Роџер и јас го одложуваме пензионирањето
Србинот Новак Ѓоковиќ вчера ја освои својата 34-та мастерс-титула.
Ѓоковиќ го победи Денис Шаповалов со 2:0 во сетови во финалето во Париз, а по натпреварот ја пофали помладата генерација тенисери, но сепак рече дека Рафаел Надал, Роџер Федерер и тој го одложуваат пензионирањето.
„Имавме шанса досега да видиме некои млади играчи да освојуваат мастерс титули. Тоа е она што се случува и ќе има повеќе. Што се однесува до мене, Федерер и Рафа, ние се обидуваме да го одложиме пензионирањето колку што е можно покасно, но новата генерација е на прагот. Тие се приближуваат до најголемите титули. Само прашање е на време“, вели Ноле.
Тој сега е една мастерс-титула одалечен од рекордот на Надал. Ноле има 34, а Рафа 35.
„Секоја од овие 34 е различна и драга на свој начин, иако првата е секогаш прва. Треба да се запомни дека оваа титула е исто толку голема затоа што не е обична победа. Привилегија е да освојувате титули, тоа е причината поради која сум професионалец, сакам уште години да играм на највисоко ниво. Го сакам тенисот, уживам во играњето и тренирањето“, додаде Ноле.
Што се однесува до самиот натпревар, тој рече дека има многу лесни поени по сервисот и дека неговиот ривал му дозволил да се чувствува пријатно за време на натпреварот.