Фудбал
Градското дерби во Мадрид му припадна на Реал
Реал Мадрид не знае да „потфрли“ во големи натпревари. Тоа го покажа и градското дерби против Атлетико.
Иако имаат лоши резултати против послабите екипи, на натпреварите што едноставно мора да ги добијат „Лос бланкос“ покажуваат сила и квалитет.
Реал го победи Атлетико со сигурна и конкретна игра со 2:0 и му го нанесе првиот пораз во Ла Лига на лутиот градски ривал.
Домашните поведоа преку Касемиро на стадионот „Алфредо ди Стефано“ во 15. минута и со тој резултат заминаа на одмор.
Во 55. минута, можеби клучниот момент на натпреварот. Лемар не успеа да постигне гол од неколку метри, од одлична ситуација шутираше покрај голот.
Казната стигнува осум минути подоцна. Карвахал шутира силно од околу 25 метри, топката ја погодува стативата, се одбива од грбот на Облак и завршува во мрежата.
До крајот на натпреварот, двата тима имаа неколку добри шанси, но резултатот не се менува, па Атлетико не знае за победа над Реал Мадрид веќе десет натпревари по ред.