Connect with us

Фудбал

Гвардиола му одговори на Чеферин: „Адвокатот да ја следи процедурата, ние имаме право да се браниме“

Фудбалскиот тренер на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола денеска му порача на Александар Чеферин да ја „почитува процедурата“ како одговор на коментарите на претседателот на Европската фудбалска унија УЕФА во врска со наводното прекршување на финансискиот фер-плеј на англискиот клуб.

„Како адвокат, претседателот на УЕФА прво треба да почека, а потоа да прави што сака. Адвокатот мора да ја почитува процедурата и да разбере дека имаме право да се браниме“, изјави Гвардиола, пренесува BBC.

Чеферин изјави за Телеграф дека УЕФА „со право“ го казни Манчестер Сити за прекршување на правилата за финансиски фер-плеј .

Во февруари 2020 година, УЕФА го казни Манчестер Сити со 30 милиони евра и две сезони надвор од европските натпреварувања поради кршење на финансискиот фер-плеј. Меѓутоа, во јули истата година, Судот за спортска арбитража ја укина таа суспензија поради недостиг на докази и застареност на случајот, а Манчестер Сити мораше да плати 10 милиони евра.

Премиер лигата минатиот февруари го обвини Сити за 115 наводни прекршувања на финансиските правила помеѓу 2009 и 2018 година, за време на кои тие беа три пати англиски шампиони.

Извршниот директор на Премиер лигата, Ричард Мастерс, рече дека е одреден датум за сослушувањето, но, зборувајќи пред пратениците претходно овој месец, рече дека не може да открие кога ќе се одржи.