Фудбал
Халанд ја напушта Англија доколку Премиер лигата го казни Сити
Фудбалерот на Манчестер Сити, Норвежанецот Ерлинг Халанд би можел да го напушти англискиот клуб доколку „граѓаните“ бидат исфрлени од Премиер лигата поради кршење на финансиските правила, пренесуваат британските медиуми.
Наводите на Премиер лигата се однесуваат на приходите, деталите за тренерот и платата на играчите, регулативите на Европската фудбалска унија (УЕФА), профитабилноста и одржливоста и соработката во текот на истрагата.
Премиер лигата отвори истрага против Манчестер Сити во март 2019 година, а обвинението ја опфаќа секоја сезона од септември 2009 до 2018 година.
Британските медиуми пренесуваат дека Халанд прва ќе го напушти Манчестер Сити доколку англискиот клуб биде казнет со одземање бодови или исфрлен од Премиер лигата.
Норвешкиот напаѓач би можел кариерата да ја продолжи во Реал Мадрид, бидејќи мадридскиот клуб будно ги следи случувањата во Манчестер Сити.
Пред да дојде во Манчестер, Халанд преговараше со Реал, но на крајот се одлучи за англискиот клуб. Халанд оваа сезона одигра 28 натпревари и постигна 31 гол за Манчестер Сити во сите натпреварувања.