Connect with us

Фудбал

Христов нов директор на академија „Вардар“

Прославеното македонско фудбалско име, еден од најдобрите македонски репрезентативци на сите времиња Ѓорѓи Христов, е назначен за нов директор на младинската Академија на фудбалскиот клуб Вардар. На ова место Христов ќе го наследи Бобан Бабунски, кој што стана нов шеф на стручниот штаб на сениорската екипа на „црвено-црните“. До сега Христов во Вардар беше координатор во фудбалската Академија, откако пристигна во нашиот тим пред точно една година.  

„Сакам прво да се заблагодарам на раководството и на сопственикот на клубот за укажаната доверба да бидам директор на Академијата. Ќе се трудам да поставиме стандарди и системи кои долги години ќе останат како патоказ за идните генерации. Иако е најтешко да се работи со младите, сепак, кога ќе се воспостави еден систем и кога визијата ќе се спроведе на теренот, сметам дека ќе функционира беспрекорно“, рече Христов. 

Христов истакнува дека Академијата ги има сите услови младинските категории да се развиваат, и токму од неа првиот тим во иднина да ангажира играчи, на кои ќе го гради костурот и играта во иднина. 

„Пред сè главна цел ќе биде да направиме Академијата да биде главен извор на сениорскиот тим на Вардар. Имаме прекрасни услови за работа, имаме добар тренерски кадар, ги имаме сите предуслови Академијата да биде прв избор на сениорите за нови играчи. Најпрво да се создадат првотимци на Вардар, а потоа и репрезентативци на Македонија. И на тој начин преку создавање на фудбалери, Академијата и клубот да почне да се самофинансира. Во моментов во првиот тим има неколку играчи од Академијата, и веќе неколку месеци наназад зема играчи од младинските категории, кои во иднина ќе бидат костурот на екипата“, рече Христов. 

За новиот директор на младинската Академија, резултатите во младинските категории треба да бидат главно мерило за квалитетот. 

„Секако дека во сите младински категории Вардар ќе атакува на првото место. Иако многумина сметаат дека резултатите во тие категории не се важни, јас ќе кажам дека резултатите се мерило на квалитетот. Играчите мора да се навикнат да бидат први и секогаш да победуваат, затоа што тоа ќе им преставува искуство и за понатаму кога ќе стигнат до сениорскиот дрес на Вардар. Долги години работев со млади категории во екипата на Металург, и добро знам што ме очекува“, вели Христов.

Не само фудбалери, туку првиот тим на Вардар пред почетокот на подготовките се „засили“ и во стручниот штаб со тренерите кои работеа во Академијата Владимир Колев, Сашо Тодоровски и Раденко Бојовиќ, а новиот директор очекува тој тренд да продолжи и понатаму. 

„Академијата нема да прозведува само фудбалери, туку и стручен кадар. Тоа е поврзано едно со друго, и нормално е покрај самите играчи, и тренерите да одат кон сениорите. Тоа не е ништо ново, туку е терк во сите нормални фудбалски средини. Покрај создавање на играчи, нашата цел ќе биде и создавање на тренерски кадар кој што во иднина ќе може да работи со првиот тим“, изјави Христов.