Connect with us

Фудбал

Хрватска е сензационален финалист на Мундијалот

Англија ќе почека барем уште четири години на светска титула која прв и единствен пат ја освои во 1966 година.

Во второто полуфинале од Мундијалот, “Гордиот Албион” загуби од Хрватска со 1-2 по продолжение и не го оствари она што го очекуваше цела нација – да ја врати титулата во лулката на фудбалот. “Коцкестите” направија сензација иако според она што го покажаа на овој Мундијал сосема заслужено се во финалето, првпат во својата историја.

Не изгледаше дека ќе биде така откако Трипие во петтата минута со прекрасен слободен удар го отвори резултатот. Но, Англија со тој гол престана да игра и му ја препушти иницијативата на противникот. Хрватска во првото полувреме не го искористи тоа, но во продолжение газеше на теренот.

Тоа се исплатеше во 68. минута кога Перишиќ израмни, а фудбалерите на Златко Далиќ имаа можност уште во основниот дел да го решат прашањето околу победникот.

Откако не успеаја во тоа, точка на мечот стави Марио Манџукиќ во 109. минута со тоа што Хрватска сега не дозволи како во дуелот со Русија да прими гол во финишот и победникот да го решава на пенали.

В недела од 17 часот, на Лужњики во Москва, Хрватска ќе се сретне со Франција и ќе има можност да се одмазди за поразот во полуфиналето од Мундијалот пред две децении.