Connect with us

Фудбал

И готвачите посакуваа отказ за Мурињо

Фантастичен старт оствари Оле Гунар Солскер кој на своето деби, како менаџер на Манчестер Јунајтед, со убедливи 5:1 го торпедираше својот поранешен клуб Кардиф. По натпреварот, норвешкиот стручњак откри дека добил неколку корисни совети од Вејн Руни и дека најдобриот стрелец во клупската историја на “црвените ѓаволи” и во Англија, има голем удел во убедливиот триумф во Велс.

И легендарниот репрезентативец на “Гордиот Албион” призна дека многу му олеснало откако клубот ја прекинал соработката со контроверзниот Жозе Мурињо.

  • Неговото заминување не беше желба само на фудбалерите. Такво нешто посакуваа сите во клубот. Убеден сум дека слично размислува и Ед Вудворд и останатите вработени во клубот, па дури и готвачите. За да биде успешен клубот и да се движи во посакуваната насока, се треба да биде под контрола и сите треба да бидат среќни. Ситуацијата беше многу лоша, но дојде Оле, кој е фантастична личност и верувам дека може да ја подобри ситуацијата во клубот. Повторно има насмевка на лицата на фудбалерите и тоа е добар знак, изјави Руни.

Пред една недела, трофејниот португалски стручњак доби отказ откако беше посочен како главен виновник за очајните резултати во актуелната сезона и лошата атмосфера во соблекувалната. Мурињо беше во конфликт со неколку фудбалери, а најчесто на удар беше најскапата аквизиција во клупската историја, Пол Погба. И покрај отказот, “специјалниот” доби парична компензација од 24 мил. фунти.