Фудбал
Ибрахимовиќ веројатно утре повторно ќе биде на терен
Златан Ибрахимовиќ најверојатно ќе се врати на терените утре вечер, судејќи според тоа што вели тренерот на Милан, Стефано Пиоли.
Пиоли го најави денеска натпреварот против Сасуоло, кој ќе се игра утревечер на стадионот „Паоло Маца“ во 29-то коло од Серија А. Во таа прилика, тој зборуваше за Ибрахимовиќ кој ги пропушти сите натпревари поради повреда, откако фудбалот се врати по паузата предизвикана од Ковид-19.
Пиоли вели дека Ибра е добар и дека може да го искористи утре.
“Ибрахимовиќ се чувствува физички подготвен. Тој е лав. Тој направи добар тренинг вчера. Ако тоа се повтори вечерва и тој ми даде сигнал, тогаш ќе го користам на утрешниот натпревар”, изјави тренерот на “росонерите”.
Бидејќи Ибра беше повреден на почетокот на јуни, последен пат го видовме на теренот во март. Поточно, на 8 март, кога, меѓу другото, тој беше стрелец на голот против Џенова, но Милан го загуби тој натпревар со 2:1.
Швеѓанецот има договор со Милан до крајот на оваа сезона и сè уште не е познато дали ќе остане во клубот.