Фудбал
Иниеста потпиша со јапонскиот Висел Кобе
Иниеста во Јапонија допатува заедно со сопственикот на Висел Кобе, Хироши Микитани, за кој тој напиша дека му е добар пријател.
Тој ја напушти Барселона по 22 години поминати во клубот во кој освои сѐ што можеше да се освои на клупско ниво. Вкупно 32 трофеи стојат зад неговото име во дресот на каталонскиот клуб, а тој таму одигра 674 натпревари. Авантурата на Иниеста во Барселона заврши, но тој не сакаше да се откаже од фудбалот и реши да ја продолжи кариерата во Јапонија.
Во Висел Кобе го чека поранешниот напаѓач на Баерн Минхен и Арсенал, Лукас Подолски, кој се пресели таму по крајот на неговиот договор со Галатасарај. Моментално јапонскиот клуб се наоѓа на шестото место на табелата по 15 одиграни натпревари.
Андрес Иниеста е еден од најтрофејните играчи во светот и тој има освоено сѐ што може да се освои: шпанската Ла Лига и Купот на Шпанија, Лигата на шампионите, Европскиот и Светскиот суперкуп, Европското првенство и Светското Првенство. Во триумфот на Шпанија на СП 2010 тој го постигна решавачкиот гол во финалето против Холандија.