Connect with us

Фудбал

Како да ги мотивирам овие играчи?!

Менаџерот на лондонскиот премиерлигаш Челзи, Маурицио Сари, не можеше да го сокрие бесот по саботниот дерби натпревар кој заврши со заслужен триумф на градскиот ривал Арсенал од 2:0. Гостинот од “Стемфорд Бриџ” делуваше немоќно во поголемиот дел од натпреварот, а италијанскиот стручњак вината за поразот ја лоцираше кај фудбалерите кои според него повеќе се фокусирани на својата иднина, отколку на клупските обврски.

  • Многу сум лут затоа што овој пораз ќе има големо влијание кога е во прашање нашиот менталитет. Противничките фудбалери беа далеку поодлучни, а јас не можам да ја прифатам таквата констатација. Истото ни се случи и на дуелот против Тотенхем. Разговарав со моите играчи и мислев дека сме го решиле тој проблем. Би сакал сега да зборам за тактиката, но тешко е да се мотивира оваа група на играчи, изјави Сари.

Англиските медиуми открија дека ваквата порака на Сари била првенствено наменета за белгискиот интернационалец Еден Азар, кој е опседнат со трансферот во редовите на актуелниот светски и европски клупски шампион, тимот на Реал (М), но и за репрезентативецот на Шпанија, Алваро Мората, кој сака својата кариера да ја продолжи во редовите на Атлетико (М).

Челзи и понатаму е четвртопласиран во англиската Премиер лига, но лондонските “сини” сега имаат само три бода повеќе од петопласираниот Арсенал и три бода повеќе од шестопласираниот Манчестер Јунајтед кој под водство на Оле Гунар Солскер забележа седум победи по ред.