Connect with us

Фудбал

Карлос Тевез ја откри клучната разлика помеѓу Роналдо и Меси

Аргентинскиот напаѓач Карлос Тевез смени многу клубови во текот на кариерата и имаше можност да игра со многу легендарни фудбалери, а додека настапуваше за репрезентацијата беше дел од нападот заедно со Лионел Меси. Тој е еден од ретките кој може да се пофали дека играл со двајцата најдобри фудбалери на денешницата, па затоа може да си дозволи да ги посои разликите меѓу нив.

Во текот на изминатата декада во фудбалскиот свет доминираа две имиња – Кристијано Роналдо и Лионел Меси. Двајцата заедно ги поделија сите Златни топки од 2008 година наваму, а и понатаму продолжуваат да бидат напаст за противничките одбрани.

Кристијано Роналдо е петкратен освојувач на Лигата на шампионите, додека Лионел Меси има една титула помалку во елитното натпреварување, но затоа може да се пофали со многу повеќе лигашки титули. Додека Роналдо ги промени Спортинг Лисабон, Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус, Меси целата кариера ја помина во Барселона.

Иако неповикан, поранешниот аргентински репрезентативец Карлос Тевез реши да сподели со јавноста што забележал кај двајцата фудбалери и да ја посочи клучната разлика помеѓу двајцата. Тој вели дека на Лионел Меси работите му доаѓаат природно, дури кога ќе излезе на теренот.

„Никогаш го немам видено Меси во теретана. Никогаш го немам видено да тренира заедно со тимот на вежбите кои ги закажува тренерот, никогаш не ја бркаше топката и не правеше напор за да напредне во дефанзивните задачи, нему работите му доаѓаат природно. Работи само на изведување пенали, нешто што не го правеше во почетокот на кариерата“, вели Карлос Тевез.

Од друга страна, тој вели дека Кристијано Роналдо го доживува фудбалот на различен начин. За него, вели, секоја работа во животот е натпревар.

„Кристијано секогаш одеше во теретана по тренингот, колку и да беше тренингот напорен. За него е опсесија да биде најдобар во сѐ и затоа секогаш пристигнуваше порано на тренинг. Колку рано и да одев на тренинг, тој веќе беше таму“, додава Тевез.

Сѐ почесто може да се прочитаат и слушнат изјави на фудбалери кои го кажуваат истото за Меси и Роналдо – дека едниот е природно талентиран и не му треба тренирање, додека другиот е посветен на работата, колку и да е таа напорна. Колку и да сте на страната на едниот или другиот, мора да се признае дека навистина е уживање секоја недела да ги гледаме двајцата како излегуваат на терен и предизвикуваат страв кај противничките голмани.