Фудбал
Кармата, или фудбалот е чудо, Шпанците калкулираа против Јапонија за „полесен“ противник, а сега си одат дома (ВИДЕО)
Мароко е хит на Мундијалот во Катар. Откако заврши прв во група во конкуренција на Белгија, Хрватска и Канада, сега во осминафиналето ја елиминираше Шпанија на пенали со 3:0. Шпанците не погодија ниту еден удар од белата точка.
Мароко ја елиминираше таа иста Шпанија која на последниот меч во групната фаза резултатски калкулираше со Јапонија, загуби со 2:1 и заврши втора во групата.
Шпанските медиуми тогаш пишуваа дека овој пораз е намерен со цел нивната селекција во осминафиналето да ја избегне Хрватска, која ја сметаа за подобра од Мароко, а при евентуален пласман во четвртфиналето исто така да го избегнат и Бразил. Селекторот на Шпанија, Енрике се „вадеше“ на прес конференцијата дека не калкулирале со резултатот, дека Јапонија била силна, но искрените Јапонци си кажаа после мечот, дека по нивното водство од 2:1 Шпанците не се обидоа да шутнат кон, голот, нешто што и ние го видовме во телевизискиот пренос.
По одигрувањето на осминафиналните мечеви, Хрватска си закажа пресметка со Бразил во четвртфиналето, Мароко исто така е помеѓу осумте најдобри и го чека подобриот од вечерашниот дуел помеѓу Швајцарија и Португалија.
Со ова се покажа дека кармата (читај фудбалот) е чудо, па секое калкулирање подоцна може лошо да заврши. Како и да е, Мароко стана хит на СП во Катар.