Фудбал
Кинезите понудија 50 мил. евра за играчот на Кристал Палас
Кинескиот клуб Далиан Јифанг, во следните неколку дена ќе испрати официјална понуда за стандардниот првотимец во дресот на англискиот премиерлигаш Кристал Палас, Вилфред Заха.

Најпознатиот таблоид на Островот, “Дејли Меил”, ја пласираше информацијата дека кинескиот суперлигаш на репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, му има понудено годишна плата од 12.2 мил. евра, а доколку го потпише понудениот 4-годишен договор, Заха ќе заработи околу 50 мил. евра.
Пред неколку месеци, крилниот напаѓач потпиша нов договор со лондонскиот премиерлигаш, кој е со важност до 2023 година, но во договорот нема ослободителна клаузула. Иако во Лондон заработува дупло помалку, голема е веројатноста дека Заха нема да ја прифати понудата од Кина затоа што добро знае дека за време на летниот преоден рок ќе добие неколку примамливи понуди од клубови кои се натпреваруваат во најквалитетните европски лиги.
Сепак, доколку се одлучи за преселба во Кина, Заха ќе игра за тимот кој е предводен од Бернд Шустер, а соблекувалната ќе ја дели со Јаник Караско и Николас Гаитан. Во дресот на Кристал Палас, Заха има одиграно 302 натпревари, на кои постигна 46 погодоци и запиша 58 асистенции.