Connect with us

Фудбал

Клоп: Нема да славиме како луди, го почитуваме ривалот

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп беше воодушевен по триумфот на неговиот тим над Манчестер Јунајтед и смета дека оваа победа заслужува посебно место во историјата.

„Црвените“ на „Олд Трафорд“ ја демонстрираа својата сила и ги совладаа „црвените ѓаволи“ со убедливи 5-0.

“Што да кажам? Дали го очекував ова? Не. Она што го направивме е лудо“, рече Клоп.

„Резултатот е неверојатен. Прашав дали вакво нешто се случило во историјата, бидејќи ако не се случило, ќе треба многу време за нешто слично. Играчите се запишаа во книгата за историја“.

Веќе на полувреме Ливерпул имаше одлични 4-0.

„Им кажав на момците на полувремето дека треба да играат подобро. Почнавме неверојатно добро, а потоа престанавме да играме фудбал. По петтиот гол, ја контролиравме ситуацијата. Не се работеше за постигнување уште еден гол, туку за завршување на натпреварот без нови повреди. Оваа победа е посебна, но нема да славиме како луди, бидејќи ги почитуваме нашите ривали. Имавме среќа во некои моменти, Јунајтед не е во најдобра форма. Но, победивме, ќе можеме да пиеме пиво на пат кон дома“.

Ливерпул моментално е втор на табелата во Премиер лигата со бод помалку од водечкиот Челзи. Во следното коло ќе игра против Брајтон.